ЦЕНТРАЛЕН ДЕПОЗИТАР ЗА ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ à.ä. Ñêîï¼å

почетна       мапа на сајтот       english

   

3.  УЧЕСНИЦИ ВО РАБОТАТА НА ДЕПОЗИТАРОТ  

3.1. Учесници во работата на Депозитарот (во натамошен текст: учесници) можат да бидат брокерски куќи, банки, осигурителни друштва и друштва за управување со фондови. Учесниците во работата во име и за сметка на своите клиенти или во свое име и за своја сметка може да ги користат сите услуги што ги обезедува Депозитарот.

3.2. Правата и обврските на Депозитарот и на учесниците во неговата работа се утврдуваат со овие правила, упатства на Депозитарот и со договор склучен меѓу Депозитарот и учесниците.

3.3. Учесник во работата на Депозитарот може да биде правно лице од точка 3.1 од овие Правила кое ги исполнува следните услови:

- да биде регистрирано во трговскиот регистар и да ги поседува соодветните дозволи и одобренија;

- да биде член на МБХВ;

- да ги исполнува кадровските, организациските, техничките и финансиските услови пропишани со Упатствата на Депозитарот;

- да има најмалку двајца обучени вработени кои се оспособени за користење на услугите на Депозитарот;

- да има посебна сметка за порамнување во НБРМ;

- да не постојат услови или факти кои можат да доведат до оправдано сомнение дека не може да ги исполнува обврските кои произлегуваат од неговото учество во работата на Депозитарот.

3.4. Учество во работата на Депозитарот се стекнува со поднесување на барање за прием до Депозитарот. Со барањето од став 1 од оваа точка се приложуваат и следните документи:

- ревидиран годишен извештај за претходната фискална година;

- извод од трговскиот регистар;

- доказ за исполнување на условите за прием во работата на Депозитарот согласно точка 3.3 од овие Правила, особено за располагање со соодветна компјутерска опрема и обучен кадар за користење на услугите на Депозитарот;

- потврда за уплата на соодветен надоместок за учество во работата согласно со важечката тарифа на Депозитарот.

3.5. Доколку подносителот на барањето не ги приложи потребните докази за учество во работата на Депозитарот или барањето не е потполно, Депозитарот може да му определи дополнителен рок за докомплетирање на доказите кој не може да биде подолг од 15 дена. Доколку подносителот на барањето во предвидениот рок не ги исправи недостатоците, барањето ѓе се отфрли како недопуштено.

3.6. Одлуката за станување учесник во работата на Депозитарот ја донесува Управниот одбор на Депозитарот во рок од 10 дена од денот на приемот на барањето.

Депозитарот ќе го извести подносителот на барањето за својата одлука во писмена форма во рок од 5 дена од нејзиното донесување. Доколку во предвидениот рок од 10 дена Депозитарот не донесе одлука по поднесеното барање, ќе се смета дека истото е позитивно решено.

3.7. Депозитарот може да го одбие барањето ако утврди дека:

- подносителот на барањето не ги исполнува условите за прием наведени во точка 3. од овие Правила;

- приложените докази содржат неточни информации.

Во случај на одбивање на барањето, Депозитарот ќе му ги врати уплатените средства (зголемени за каматата по видување за депозити на правни лица за периодот од денот на уплатата до денот на враќањето) во рок од 5 дена од донесувањето на негативната одлука. Подносителот на барањето има право на жалба до КХВ во рок од 8 дена од денот на приемот на одлуката за одбивање на барањето.

3.8. По стекнувањето на својството на учесник во работата на Депозитарот, Депозитарот и учесникот склучуваат Договор во кој се утврдуваат правата и обврските на учесникот и Депозитарот.

3.9. Депозитарот води посебен регистар на учесниците во работата.

Регистарот на учесниците во работата на Депозитарот содржи податоци за називот на учесникот, адресата, матичниот број, адресата, датумот на стекнувањето својство на учесник, кадровската и техничката екипираност, одговорното лице на учесникот, евиденцијата на изречените казнени мерки и други неопходни податоци.

3.10. Со потпишувањето на договорот, учесникот во целост и неотповикливо ги прифаќа овие Правила, упатствата и тарифата на Депозитарот и се обврзува на нивно доследно применување. Доколку учесникот не се согласува со предложените измени и дополнувањата на овие Правила, упатства и другите правни акти на Депозитарот, тој може да го откаже своето натамошно учество во работата на Депозитарот, пред истите да влезат во сила.

3.11. Со потпишувањето на договорот, учесникот во работата се обврзува во своите правни односи со Депозитарот, со другите учесници во работата на Депозитарот и во правните односи со своите клиенти во целост да ги почитува и да ги применува одредбите од овие Правила, упатствата на Депозитарот, тарифникот и другите правни акти на Депозитарот.

3.12. Учесникот во работата на Депозитарот е должен веднаш да го извести Депозитарот за сите промени кои може да влијаат на неговото учество во работата на Депозитарот.

13. Учесникот е должен уредно и навремено да ги подмирува финансиските и други обврски спрема Депозитарот и другите учесници во работата на Депозитарот, на начин и во рокови утврдени со овие Правила, упатствата и другите акти, како и договорите склучени со Депозитарот. Депозитарот е должен уредно и навремено да ги подмирува финансиските и другите обврски спрема учесниците во неговата работа, на начин и во рокови утврдени со овие Правила, упатствата и договорите склучени со учесниците.

3.14. Учесниците во работата на Депозитарот се целосно одговорни спрема клиентите кои ги застапуваат и се должни да ги обештетат во случаи напротивзаконски постапки, немарност или неисполнување на обврските на учесникот спрема клиентот, вклучувајќи ги и случаите кога учесникот неправилно или неовластено ја користел сметката на неговиот клиент во Депозитарот.

3.15. Учесникот во работата на Депозитарот кој има пристап до компјутерскиот систем на Депозитарот должен е да постапува во согласност со упатствата на Депозитарот со кои се утврдени техничките стандарди на компјутерската и комуникациската опрема за пристап до компјутерскиот систем на Депозитарот, вклучувајќи ја и употребата на програмска поддршка која ја обезбедува Депозитарот. Учесникот во работата на Депозитарот е должен да се придржува на сите мерки на сигурност за пристап до компјутерскиот системот и за заштита на податоците од неовластено користење од трети лица, како и други мерки утврдени во упатствата на Депозитарот. Учесникот во работата на Депозитарот е одговорен за постапките на своите вработени кои се направени спротивно на овие Правила и упатствата на Депозитарот.

3.16. Депозитарот им доставува на сите учесници во неговата работата известувања на начин и во рокови пропишани со овие Правила. Учесникот е должен да ја провери точноста и потполноста на сите известувања што ги прима од Депозитарот и веднаш да го извести Депозитарот доколку не ги примил известувањата во предвидениот рок или ако ја оспорува точноста на податоците или потполноста на известувањето. Ако учесникот не ја оспори точноста и потполноста на известувањето во рок од 24 часа од неговиот прием, се смета дека учесникот ја потврдил точноста и потполноста на известувањето и дека се откажал од своите права на оспорување на грешки или недостатоци во известувањето.

3.17. Учеството во работата на Депозитарот престанува:

- по барање на учесникот во работата;

- врз основа на одлука на Депозитарот за исклучување

- поради промени кај учесникот во работата кои се од таква природа што тој повеќе не ги задоволува условите за учество во работата;

- согласно одредбите од Договорот за учество во работата на Депозитарот.

Обврските кои постојат во моментот на престанок на учеството во работата, учесникот и Депозитарот ги исполнуваат согласно овие Правила и упатствата на Депозитарот.

3.18. Управниот одбор на Депозитарот може да донесе одлука за престанување на учеството во работата во следните случаи:

- ако учесникот не ги исполнува условите за учество во работата на Депозитарот;

- во случај на отворање постапка за стечај или ликвидација на учесникот во работата;

- ако учесникот во работата сериозно ги повредува овие правила и упатствата на Депозитарот;

- ако не ги исполнува своите финансиски обврски спрема Депозитарот;

- ако се соочува со финансиски потешкотии кои можат да го доведат во прашање редовното извршување на обврските спрема Депозитарот, другите учесници во работата на Депозитарот и неговите клиентите;

- ако не ги отстрани своите пропусти во исполнувањето на обврските кои произлегуваат од трансакции со хартии од вредност;

- и во други случаи што го чинат да биде неподобен за учество во работата на Депозитарот.

3.19. Во случај на настанување на било која од околностите наведени во претходната точка од овие Правила, Управниот одбор на Депозитарот може да донесе решение со кое на учесникот му се откажува давањето на сите услуги или му се ускратуваат одделни права за одреден временски период (суспензија). Ускратувањето на одделните права трае до престанувањето на околностите кои довеле до изрекувањето на таквата мерка, но не може да трае подолго од три месеци.

3.20. Сите права и обврски на учесникот што настанале пред ускратувањето на одделните права на учесникот во работата, Депозитарот и учесникот се должни да ги исполнат согласно овие Правила и упатствата на Депозитарот.

3.21. Со одлуката за исклучување или суспензија на учесникот во работата, Управниот одбор на Депозитарот може да му наложи и плаќање на парична казна во износ определен со тарифата на Депозитарот. Управниот одбор на Депозитарот може да наложи плаќање на парична казна согласно тарифата или упатствата и во случај кога пропустите на учесникот во работата на Депозитарот не претставуваат причина за негово исклучување или суспензија.

3.22. Пред донесувањето на одлуката за исклучување или суспензија Управниот одбор на Депозитарот му овозможува на учесникот во неговата работа да се произнесе за фактите и околностите кои претставуваат причина за таква мерка кон него.

3.23. Против одлуката на Управниот одбор на Депозитарот, за суспензија или исклучување од работата на учесникот, тој има право на жалба до Комисијата за хартии од вредност во рок од 15 дена од нејзиниот прием.

3.24. Учесникот кој е исклучен или суспендиран е должен да ги исполни сите свои претходно преземени обрски спрема своите клиенти, другите учесници во работата на Депозитарот и спрема Депозитарот. Во случај кога суспендираниот или исклучениот учесник во работата не може или не сака да ги исполни своите преостанати обврски на порамнување, тие ќе се исполнат со активирање на гарантниот фонд на начин и постапка утврдена со овие Правила.

3.25. Управниот одбор на Депозитарот веднаш по донесувањето на одлуката за суспензија или исклучување на некој од учесниците во неговата работа ќе ги извести сите учесници, Комисијата, Берзата и Народна банка на РМ.

3.26. Вработените на учесниците во работата на Депозитарот кои во своето работење доаѓаат до податоци кои се сврзани со неговото работење должни се да ја чуваат нивната тајност. Обврската од став 1 на овој член се однесува и по завршувањето на нивниот работен однос во учесникот на работата на Депозитарот, но не подолго од 5 години.

3.27. До субјектите за кои Депозитарот ги врши услугите од точка 2.2. став 2, Депозитарот доставува документ (фактура), во која што е пресметан надоместокот за извршените услуги од негова страна, која субјектите се должни да ја платат. Надоместоците за извршените услугите од страна на Депозитарот се утврдуваат со посебна тарифа. Во тарифата, покрај надоместоците за услугите на Депозитарот, се утврдуваат и казните за повредата на овие Правила и упатствата на Депозитарот.

3.28. На тарифата на Депозитарот согласност дава Комисијата.

3.29. Тарифата на Депозитарот се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

3.30. Учесниците во работата и Депозитарот своите спорови ќе настојуваат да ги решаваат спогодбено. Во случај на неуспех за решавање на споровите надлежен е стварно и месно надлежниот суд.

Авторски права © 2004 ЦДХВ